14.8 C
Skopje
Wednesday, September 22, 2021

Бесими: Постигнавме историски најниска каматна стапка за еврообврзбицата, пониска од многу европски земји со повисок кредитен рејтинг

Најчитани вести

Каматната стапка на осмата еврообврзница на земјава во износ од 700 милиони евра, која беше издадена оваа недела, е пониска од многу земји кои се дел од Европската Унија или кои имаат подобар кредитен рејтинг од земјава, како Хрватска, Турција и Србија, порача вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими.

-Сепак, инвеститорите имаа поголема доверба во нашата економија и нејзината перспектива и постигнавме историски најниска каматна стапка од 1,625 отсто, рече Бесими во емисијата „Топ тема“.

Тој посочи дека каматната стапка на осмата еврообврзница е историски најниска досега и, како што рече, е неколкукратно пониска во однос на претходно издадените обврзници од земјава, но и пониска од многу земји кои имаат и повисок кредитен рејтинг од земјава.

-Минатата недела Хрватска издаде две еврообврзници од по милијарда евра, од кои едната со каматна стапка од 1,75 додека другата од 1,125 отсто. Понатаму минатата недела и Србија излезе на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзница од милијарда евра и постигна каматна стапка од 1,65 отсто. Еврообврзниците кои ги издаде Турција кон средината на јануари годинава, од по 1,75 милијарди евра, беа со каматни стапки од 4,75 и 5,875 отсто. Црна Гора на почетокот на декември минатата година издаде еврообврзница во износ од 750 милиони евра со камата од 7,253 отсто, рече Бесими.

Нагласи дека со средствата обезбедени од осмата еврообврзница ќе се рефинансира еврообврзницата од 2014 година која беше со камата од 3,975 отсто, како и дека ќе се заштедат 82,25 милиони евра заради пониската камата од новата еврообврзница .

Според него, зголемувањето на буџетскиот дефицит и јавниот долг, во време на ковид-кризата, е реалност за скоро сите светски економии, вклучително и за нас. Тој рече дека економии како Шпанија, Италија и Грција, минатата година го покачија државниот долг за над 20 процентни поени, а кај нас порасна за 10 процентни поени.

-Јавниот долг е реалност во нашата економија. Не велам дека не сум загрижен што расте, но кога се задолжуваме е исклучително важно по која цена се задолжуваме и квалитетот за што се задолжуваме и во што се инвестираат тие средства. Економија како нас која е посттранзициска и во фаза кога е пред членство во ЕУ и се амбицира да влезе во клубот на развиентие земји мора да поддржи поамбициозен раст преку задолжување.Битно е за што ќе се користи заемот и каква структура на економија ќе обезбедиме, дали за потрошувачка или за инвестиции и за извоз, потенцира Бесими и додаде дека од најголемо значење ќе бидат посткризните политики во насока на стабилизација и ревитализација на економијата, вклучително стабилизација и на јавниот долг.

Кај јавниот долг, посочи, најважно е за што ги земаме средствата и дали ќе бидеме во можност во иднина да го сервисираме.

-Не случајно во Буџетот за 2021 година отидовме со среднорочно планирање. Среднорочната рамка е до 2025 година и се базира на три компоненти: план за раст – како да го зголемиме и забрзаме растот до 5,9 отсто во 2025 година, втората компонента е буџетската консолидација и третата компонента е планот на јавните инвестиции од 3,2 милијарди евра. Со фискалната консолидација се оди кон постепено намалување на буџетскиот дефицит, а со тоа и на јавниот долг за да до 2025 година се намали на 58,8 отсто од БДП. Од една страна ќе дејствуваме да ги зголемиме приходите преку подобрување на наплата потоа да го подобриме квалитетот на расходната страна, односно реализацијата на капиталните расходи и на крај нови извори на финансирање на дефицитот, појасни Бесими.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com