Во најдраматичниот натпревар од Купот на Кралот сезонава, Барса беше пред елиминација од Гранада, домаќинот имаше 2-0 до 88. минута, но Каталонците се надминаа себеси и по продолжение славеа со 3-5 за место меѓу четирите најдобри екипи во натпреварувањето.
Резултатот на стадионот во Гранада се отвори во 33. минута, кога Кенеди доби топка од Соро и успеа да го надмудри Марк Андре Тер Штеген. Тоа беше резултатот и на паузата, а на стартот на вториот дел Роберто Солдадо го матира германскиот голман, за предност на аутсајдерот на хартија од 2-0.
Барселона потоа беше тимот што диктираше темпо, а шансите се нижеа како на филмска лента. „Ножички“ на Гризман, статива на Дембеле, одбрани на голманот Ескандели… па следеше тотален кам-бек на фаворитот. Прво во 88. минута чуварот на мрежата на Гранада си постигна автогол за 1-2, па по големиот притисок и една пречка на Меси, Жорди Алба доби топка од Гризман во 92. минута и реализира за 2-2.
Продолжението беше лудо и полно со голови. Гризман, кој беше супер-активен во 100. минута првпат донесе предност за екипата на Куман. Сепак, само три минути подоцна судијата Санчез покажа на белата точка, а егзекутор беше Феде. Сепак, квалитетот и свежината беше на страната на Барса, која на почетокот на второто продолжение постигна два гола преку Де Јонг и Жорди Алба и стигна до победа од 3-5.
Барса им се приклучи на Севиља и Леванте во полуфиналето, а утре ќе биде познат последниот полуфиналист, по одигрувањето на натпреварот Бетис – Атлетик Билбао. Ждрепката за полуфиналето е в петок во Мадрид.