Балканските народи и историјата

0

Колумна од Кица Колбе

Кога пропадна социјалистичкиот политички систем, балканските народи продолжија онаму, каде што беа застанале пред инсталирањето на социјализмот: на крајот на нивните недовршени „балкански херојски наративи“.

Во Западна Европа комисиите за проверка на учебниците беа резултат на критичката свест за улогата на индоктринацијата во настанувањето на воените конфликти. Затоа може со право да се каже дека желбата за „промена на парадигмата” во однос на улогата на учебниците во воспитувањето на децата и младинците, во Западна Европа вистински се роди дури во урнатините што ги оставија зад себе стравотните војни во дваесеттиот век. Тоа сознание соодветствуваше и со желбата на неколку водечки политички личности во Западна Европа да се создадат предуслови за една нова европска обединувачка идеја. Визијата на европското обединување беше моторот не само за политичките процеси на демократизација, туку и за темелните промени во воспитанието и образованието.

Насоките и препораките за промената на сликата за Другиот, за соседниот народ, но и за критичкото промислување на сликата на сопствениот народ и историја, беа задача токму на „комисиите за учебниците”. Во повоена Западна Германија, тие комисии беа основани по иницијатива на Сојузниците. Така во 1949-тата се одржа првата средба на британско-германски научници во Брауншвајг. Само една година подоцна се одржа и првата средба на француски и германски историчари. Затоа што веќе постоеше политички консензус за новата европска идеја, токму тие теми стоеја во центарот на вниманието на првите средби на овие комисии. Темите кои беа уште деликатни за дебата, затоа што ќе предизвикаа жестоки контроверзи, на почетокот не беа рзгледувани, туку беа оставени за подоцна. Истото беше и со темите кои во историскиот наратив на соседниот народ долго време биле табуизирани. Се разбира, такви се најголемиот број од темите поврзани со воените злострорства, окупацијата и колабораторството и, се разбира, Холокаустот.

Особено во работата на комисиите за проверка на учебниците меѓу земји кои припаѓаат на два различни политички сојузи, како што беше во случајот на СР Германија и Полска, постоеја теми кои мораа да се разгледуваат со многу претпазливост и со мудрост, знаејќи дека уште не е дојден поволниот политички контекст за нивното проблематизирање. Германско-полската комисија беше формирана 1972-та како соработка на комисиите на двете земји во УНЕСКО. Нејзината работа започна само две години откако 1970 владата на Вили Брант го потпиша договорот за нормализација на односите меѓу Полска и Германија. Уште по првата средба беа објавени препораките на мешовитата комисија, кои наидоа на одбивање и критика од конзервативните кругови. Кога 1976-тата во двете земји беше објавен опширен извештај за работата на комисијата, дојде до бурни полемики, затоа што, на пример, во нив не се употребуваше поимот „протерување” за германското население кое, по Втората светска војна, советските трупи го протераа од поранешните германски покраини. Тие покраини оттогаш и‘ припаѓаат на Полска. Во објавените извештаи за тие прашања почесто се употребуваа поимите „евакуација”, „присилно раселување” или „бегство”. Од друга страна, затоа што Полска беше во Варшавскиот пакт, долго не смееше да се спомене германско-советскиот пакт за ненапаѓање, потпишан од Хитлер и Сталин, односно од Рибентроп и Молотов. Затоа што бил голем стравот дека Советскиот сојуз може да реагира жестоко, со што ќе беше загрозена понатамошната работа на комисијата. Токму затоа тој настан не се споменувал во дебатите. Поради истата причина не беше разгледуван и еден друг истириски настан. Масакрот во Катин, каде што беа стрелани 1940 полски офицери. Се‘ до 1990-тата во полската историографија вината за масакрот им се припишуваше на Германците. Дури по пресвртот 1989-тата можеше да се говори без политички ограничувања и за тој настан. Имено, дека полските офицери ги ликвидираше советскиот НКВД. Дури по 1990-та германско-полската комисија можеше да се насочи на темелната подготовка на учебниците. Во 2006-тата, кога беше објавен првиот заеднички германско-француски учебник по историја, започна и работата на заеднички германско-полски учебник. Објавен беше дури по десет години – 2016-тата! Обединувачката тема беше токму европската димензија, затоа што учебникот има наслов: „Европа – нашата историја”. Неговата содржина е идентична, објавена на полски и на германски. Во учебникот се претставени различните историски искуства на различните европски народи, често во однос на ист историски настан. Подготовката на учебникот ја координираше познатиот Георг-Екерт-Институт во Брауншвајг. Според подготвувачите на учебникот, политичарите од двете земји не се мешале во конципирањето на учебникот.