10.8 C
Skopje
Sunday, October 24, 2021

А дали Албанците се спремни за претседател Албанец?

Најчитани вести

Од: Бранко Героски

Во демократска земја, секој има право да избира и да биде избран да врши јавна функција.

Секој има право да биде избран за општински советник, за градоначалник, за пратеник или за претседател на државата, ако ги исполнува законските услови. Во законските услови не е пропишано дали кандидатот треба да биде Македонец, Албанец или припадник на која било друга етничка заедница.

Според тоа, нема ништо спорно во идејата идниот избран претседател на Македонија да биде Албанец.

И апсолутно сè е спорно во намерата идниот Албанец претседател на Македонија да биде октроиран, односно именуван во рамките на еден партиско-политички проект.

Тезата на Зоран Заев дека изборот на шеф на државата Албанец е прашање на спремност (волја) на етничките заедници да гласат за припадник на албанската етничка заедница е погрешна, потценувачка и манипулативна.

Во демократска земја етничката припадност не би смеела да се доживува како кадровска референца. Како предност или како маана. Најмалку, пак, како професија. Тој пристап му припаѓа на социјалистичкото минато, кога Албанци и припадници на другите „националности“ се избираа на функции по клуч. Се разбира, не се избираа кои било, туку само „чесните“ Албанци, тие лојални на комунистичката власт.

Дали тоа Заев и Ахмети нè враќаат назад, во нашето комунистичко минато?

Во демократска Македонија луѓето треба да се избираат според нивните способности, знаења и вештини, според посветеноста и секако, според нивните морални квалитети и предиспозиции. А не според тоа дали се Македонци, Албанци или некои други. Се надевам дека барем за тоа имаме општа согласност.

И затоа, го поставувам прашањето – зошто идниот македонски претседател мора задолжително да биде Албанец, а не Србин или Влав, Турчин или Ром, а можеби дури и Бугарин? Кога веќе ги спомнувам Бугарите, ми текнува на еден многу успешен човек, од светот на бизнисот е, за кого знам дека барем приватно го декларира своето бугарско потекло. И зошто тоа би му било некаков хендикеп, или пак предност, ако човекот реши да влезе во политиката на голема врата?

На лажната дилема што ја наметнува Заев, дали Македонците и другите се спремни да изгласаат претседател Албанец, јас го спротивставувам и следново прашање – а дали Албанците беа спремни и дали и сега се спремни да изберат Албанец за шеф на државата?

Да се потсетиме. На претседателските избори во 2019 година се натпреваруваше и кандидат Албанец. Блерим Река од Алијанса за Албанците. Човекот ни остави добар впечаток. Но, ете, освои само 80.000 гласови? За кого гласаа другите Албанци? Зошто приврзаниците на ДУИ на Али Ахмети тогаш не гласаа за претседател Албанец, туку за претседател Македонец?

Знаеме зошто, тоа не е никаква тајна. Коалицијата меѓу Зоран Заев и Али Ахмети беше поважна од сè. И во иднина таа, барем за Заев, ќе биде поважна од сè. Бидејќи во пресметките на муртинецот, поддршката од Ахмети е клучна тој да опстане на власт. И затоа сега, пред локалните избори, тој им се додворува на ДУИ и на Албанците и манипулира.

За жал, таа манипулација коинцидира со плановите на Али Ахмети. Да не заборавиме, Ахмети несомнено е највозрасниот активен политички лидер во Македонија, човек кој од 2007 година до денес, значи полни 14 години, одлучува кој ќе биде на власт во Македонија а кој во опозиција, кој ќе биде премиер, кој министер, кој шеф на државата. Ахмети и Груевски го одржуваше на власт. Додека не одлучи, или на доби директива, да го симне од тронот. Ахмети и Заев сега го одржува на власт и така ќе биде сè додека „стечајниот управник“ на Македонија проценува дека муртинецот врши некаква корисна работа. Кога ќе се процени дека капацитетите на несудениот нобеловец се исцрпени, Али Ахмети ќе биде тој што ќе му го тргне столчето од под задникот. Нежно, со вазелин …

Но, има тука едно „но“. На овие локални избори ДУИ треба да си ја потврди моќта. Ахмети треба да покаже дали сè уште е фактор со одлучувачка сила да поставува и да одржува на власт премиери и претседатели, или полека и нему времето му минува. Затоа мудриот Али го смислил новиот буст-проект, знаејќи дека Заев мора да го поддржи, а Стево Пендаровски, избран со пресудните гласови на ДУИ, мора барем да го одмолчи.

Планот на Ахмети е проектот „претседател Албанец“ да го реализира со уставни промени, со кои ќе се овозможи шефот на државата во иднина да се избира од парламентот, а не непосредно од народот, на општи избори. Со други зборови, планот е во иднина шефот на државата да го октроираат партиските и племенски водачи, со меѓусебно политичко пазарање. Така избраниот шеф на државата ќе ѝ шефува само на својата секретарка (прашање е дали и тоа ќе смее) и ќе биде маша на партиските кабадахии.

Сигурен сум дека на Заев таа идеја многу ќе му се допадне, бидејќи во неа гледа шанса со Ахмети да се испазари – јас на тебе претседател Албанец, ти на мене премиер уште (најмалку) еден мандат!

Доаѓа време кога тоа ќе биде единствениот начин Заев да се одржи на власт, зашто во неговото разбирање на светот како поле на беспоштеден и крвав натпревар меѓу партиите (кој вклучува и јадење живи луѓе, нели), алтернативата на тоа да биде премиер му е да продава пиперки во Горни Милановац или со попуст на Калениќ пијаци у Београду.

И затоа, слободно можам да кажам дека и јас го чекам денот кога Македонија ќе биде зрела да избере Албанец за претседател. Или припадник на која било друга етничка заедница. Со уште поголемо нетрпение, да сум жив и здрав што би рекол Заев, го чекам моментот кога Албанец или припадник на која било друга етничка заедница ќе стане премиер. Иако, да бидам искрен, страхувам дека токму Заев, кој е голем емотивец кога е во прашање опстанокот на на власт, ќе нè прејде сите и ќе декларира дека се чувствува како припадник на некоја малцинска етничка заедница.

Го чекам, всушност, денот кога изборот на припадник на која било етничка заедница во Македонија на која било политичка функција нема да биде евтин политикантски проект и зделка на прекупци на привремена работа во политиката, туку составен дел на политичкиот живот и на политичката култура во едно зрело демократско општество.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com