Бразилскиот репрезентативец Давид Нерес нема да си замине од холандскиот великан Ајакс, кој и покрај силниот интерес успеа да го задржи овој фудбалер и вчера да потпише нов договор со него со важност до 2023 година.
Нерес дојде во Ајакс од Сао Паоло и брзо се вклопи во извонредниот тим, кој воодушеви во минатата сезона во Лигата на шампионите и пласманот во полуфиналето, елиминирајќи го тогашниот европски првак Реал Мадрид и еден од главните фаворити за круната Јувентус со Кристијано Роналдо. Поради своите фантастични настапи, Нерес брзо се најде во репрезентацијата на Бразил, а цената вртоглаво му скокна на преку 50 милиони евра.
И летово се поврзуваше со низа клубови, последен беше Манчестер јунајтед, арно ама во Амстердам не сакаа да го продадат откако ги загубија суперталентите Френки Де Јонг (Барселона) и Матијс Де Лихт (Јувентус). Со ова продолжување на договорот за уште една година, Ајакс практично ги има истиот напад од лани со Хаким Зијех, Душан Тадиќ и Нерес како ударно трио.