Home » Ахмети: Првата светска војна не е довршена, затоа е Балканот нестабилен

Ахмети: Првата светска војна не е довршена, затоа е Балканот нестабилен

by Журнал.мк

Мирот, стабилноста и безбедноста на Балканот не се на посакуваното ниво, а косовското прашање останува отворено и е неопходен историски договор меѓу Белград и Приштина. Или договор или нова војна која пак, би имала фатален ефект. Само со историски договор ќе се решат проблемите во насока на мир на Балканот и зацврстување на безбедноста во Европа, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети во Приштина потсетувајќи на решавањето на отворените прашања во Македонија. Зборувајќи на промоцијата на книгата „Големиот судир” на поранешниот шеф на косовската дипломатија Енвер Хоџај, Ахмети оцени дека „проблемите на Европа со Балканот датираат од Првата светска војна”.

„Нерешените проблеми на Европа со Балканот се резултат на недовршената Прва светска војна, бидејќи сите овие проблеми за кои зборуваме се проблеми уште од Првата светска војна”, рече Ахмети, а пренесува телевизијата Клан Косово.

Лидерот на ДУИ се осврнал и на иницијативата „Отворен Балкан”, за која косовската влада има многу резерви во однос на приклучувањето, како и за последната средба на регионални лидери одржана во Охрид на која на иста маса седнале и Ахмети и премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Дритан Абазовиќ, сите тројца Албанци.

Според Ахмети, претседателот на Србија се почувствувал нелагодно зашто на масата отворено се разговарало за затворање на проблемите меѓу земјите, на Балканот.

„Нелагодно, зашто има многу случувања меѓу нас и Србите и тоа не се лесни теми за разговор. И самиот Енвер Хоџај во книгата пишува дека е потребен историски договор меѓу српската и косовската страна, или – борба. Но која е цената на нова војна, а која пак на договор што ќе се постигне меѓу страните? Фатални би биле резултатите од нова војна. Дваесет години зборуваме за помирување меѓу Косово и Србија, се разбира преку историски договор и во таа насока треба да се работи напорно. ‘Отворен Балкан’ можеби не е привлечен, но е автохтона иницијатива и останува да видиме што може да се постигне”, рече Ахмети.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More