Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека владината коалиција со СДСМ функционира во рамките на нормалата. Тој вели дека неговите односи со лидерот на СДСМ Зоран Заев и другите партиски структури се стабилни и добри. За изјавата на пратеникот Мухамет Зеќири, кој рече дека не сака да коалицира со ДУИ, Ахмети вели дека тој не е легитимен претставник на политиките на СДСМ.
Ахмети вели дека во однос на активностите околу изборите уште не преговараат со ниту една партија од македонскиот блок, а за во иднина ќе видат.
„За коалиција со СДСМ не е разговарано. Но, во принцип сум го кажал мојот став, кој го претставува мислењето на партијата, дека не е најдобро ниту за ДУИ, ниту за СДСМ, да влеземе во предизборна коалиција, бидејќи сме во специфични околности, а не во околности кои сме ги поминале порано на локалните избори“, рече Ахмети на инаугурацијата на статуата на американскиот претседател Вудроу Вилсон пред административната зграда на Општина Чаир.
Претходно и премиерот Зоран Заев рече дека односите со ДУИ се стабилни.