Home » Африканската унија го суспендира Нигер поради воениот удар

Африканската унија го суспендира Нигер поради воениот удар

by Журнал.мк

Африканската унија го суспендираше Нигер поради воениот удар во таа земја и им порача на своите членови да избегнуваат дејствија што би можеле да ја легитимизираат хунтата. Минатомесечниот пуч предизвика тревога кај западните сојузници и демократските африкански држави кои стравуваат дека тоа би можело да им дозволи на исламистичките групи активни во регионот Сахел да го прошират своето влијание и да ѝ дадат на Русија ново упориште.

Економската заедница на западно-африканските држави (ЕКОВАС) се обидува да преговара со хунтата, но вели дека е подготвена да испрати војници во Нигер за да го врати уставниот поредок доколку дипломатските напори не успеат. Советот за мир и безбедност на Африканската унија во соопштението рече дека ја има предвид одлуката на ЕКОВАС за активирање на резервните сили и побара од Комисијата на Африканската унија да ги процени економските, социјалните и безбедносните импликации од распоредувањето на таквите сили.

Од Комисијата на Африканската унија, исто така, беше побарано да состави список на членовите на воената хунта и нивните поддржувачи за воведување санкции и примена на индивидуални казнени мерки. ЕКОВАС веќе воведе широки санкции за Нигер, кои Африканската унија ги поддржа.

Африканската унија го повтори својот повик до водачите на пучот веднаш да го ослободат новоизбраниот претседател Мохамед Базум, кој е во притвор по пучот, и да се вратат во својата касарна. Хунтата се спротивставува на притисокот и предложи тригодишен рок за организирање избори, што ЕКОВАС го отфрли.

Африканската унија може да испрати уште една мисија за посредување во Нигер, изјави комесарот на ЕКОВАС, Абдел-Фатау Мусах. Парламентот на ЕКОВАС, една од институциите на регионалниот блок, се противи на испраќање војници во Нигер, рече Али Ндуме, претставник од Нигерија.

„Нашата позиција се заснова на сериозните импликации на воената интервенција во Нигер. Нема алтернатива за дипломатско решение“,изјави Ндуме за новинарите денеска во Абуџа по парламентарниот состанок за Нигер претходната ноќ.

Земјата е стратешки важна како база за американските и француските војници кои помагаат во борбата против исламистичките милитантни групи во регионот и како еден од најголемите светски производители на ураниум. Алжирското државно радио објави дека Алжир го одби француското барање да го прелета нејзиниот воздушен простор за воена операција во Нигер. Франција негира дека испратила такво барање.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More