9.8 C
Skopje
Saturday, November 27, 2021

Асоцијацијата за е-трговија ќе гради регионална платформа достапна за земјите од ЦЕФТА

Најчитани вести

По успешно лансираната платформа Ecommerce4All.mk за македонскиот пазар, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) со поддршка на Отворениот регионален фонд за надворешна трговија – регионален проект имплементиран од ГИЗ, ќе ја развива и шири платформата регионално, правејќи ја достапна за земјите од ЦЕФТА регионот.

Платформата ќе биде достапна на локалниот јазик за секоја земја, а за сите земји ќе биде достапна и на англиски јазик. Преку нјзината имплементација е-трговците од ЦЕФТА регионот кои планираат да ги прошират своите бизниси со е-трговија надвор од границите на својата земја, ќе имаат на располагање унифицирана точка од каде ќе имаат можност ги обезбедат сите неопходни, релевантни и доверливи информации поврзани со е-трговијата во регионот.

-Ќе имаме можност да ја шириме платформата „Ecommerce4All” регионално. Со 18 милиони популација и проценета вредност од една милијарда евра во е-трговија, ЦЕФТА регионот е голем потенцијал за раст и ширење на компаниите со е-трговија. Платформата ќе претставува практично центар со ресурси и информации за клучните аспекти во е-трговија за сите земји (генерални информации за состојбата со е-трговијата, регулативата, доставата и е-плаќањата). Ќе може да им служи на сите компании локално за водење бизнис со е-трговија во нивната земја, но уште поважно, ќе може да им служи при нивните планови за ширење во другите ЦЕФТА земји, вели претседателката на Асоцијацијата, Нина Ангеловска.

Според неа, овој проект носи голем потенцијал за развој на прекуграничната е-трговија, но претставува и можност за зајакнување на соработката со асоцијациите за е-трговија во земјите каде се формирани, како и поттик за формирање нови во земјите каде што не постојат.

-Ни претставува задоволство да соработуваме со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија со цел ја прошириме успешната платформа „Е-трговија за сите” регионално. Цврсто веруваме дека транспарентните и релевантни информации ќе имаат значаен придонес за понатамошен развој на е-трговијата во регионот, која е всушност новата движечка сила во регионалната трговија, истакнува Флориан Брутинг, раководител за проектот за е-трговија во GIZ.

Проектот „Регионална платформа Е-трговија за сите” ќе се имплементира во три фази. Регионалната платформа ќе се состои од четири модули, од кои првите три модули ќе ги покриваат клучните аспекти на водење бизнис во е-трговија, како што се правната регулатива за е-трговија, плаќање и испорака. Овие модули ќе бидат проследени со еден дополнителен модул – успешни приказни. Секој од овие модули ќе содржи релевантни информации специфични за земјата, упатства, прирачници, документи поврзани со темата и видео презентации. Развојот на модулите ќе биде прилагоден на секоја од седумте земји на ЦЕФТА регионот во зависност од ресурсите и можностите за реализација на секој модул. Покрај четирите модули, ќе биде развиен еден основен почетен модул кој ќе ја презентира состојбата на е-трговијата преку статистика и податоци за развојот на пазарот на е-трговија (интерактивни графикони за состојбата на е-трговијата во секоја земја и споредби на пр. на е-купувачи, платежни картички, дигитални вештини, UNCTAD B2C индекс за подготвеност за е-трговија и други релевантни податоци на Еуростат).

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во 2020 година ја лансираше платформата Еcommerce4all.mk која претставува центар со информации и ресурси за водење бизнис со е-трговија за сите постојни и нови е-трговци во Северна Македонија. Платформата беше развиена како дел од проектот „Е-трговија за сите” поддржан од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, а сега истата ќе се проширува за сите земји од ЦЕФТА регионот, односно Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Молдaвија, покрај Северна Македонија.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com