Home » Апелација ја објави пресудата за сообраќајната несреќа во Велес, јавноста револтирана, правници гледаат отстапување од досегашната практика

Апелација ја објави пресудата за сообраќајната несреќа во Велес, јавноста револтирана, правници гледаат отстапување од досегашната практика

by Журнал.мк

Каењето, признавањето вина, младоста, ветувањето дека нема да го повтори кривичното дело – се дел од аргументите со кои Апелацискиот суд ја намали затворската казна од 18 на 8 години за велешанецот Ангелче Николов кој минатата година под дејство на алкохол на пешачки премин ја прегази и усмрти 11-годишната Магдалена, а ја повреди нејзината мајка. Како олеснителни околности судот го зеде тоа што Николов не бил имотен, немал оформено семејство, па смета дека поблагата затворска казна позитивно би влијаела на неговата ресоцијализација. Тој беше 30 часа, потоа сам се пријави во полиција.

Од коалицијата „Сите за правично судење“ велат дека во земјава има ниска казнена политика за вакви кривични дела, кои често поминуваат со условни осуди. Оттаму додаваат дека постои отстапување од досегашната практика и оти е невообичаено казната да биде и повеќе од преполовена.

„Апелациониот требало да понуди детално и темелно образложени причини зошто ставовите на Апелациониот суд се толку многу различни од основниот суд и зошто овие судии во Апелација сметаат дека Првостепениот суд не ја донел соодветната санкција и дека донел исклучително висока казна за овој тип на кривично дело“, изјави Дарко Аврамовски, претседател на коалиција „Сите за правично судење“.

Граѓаните со кои поразговаравме се изненадени од пресудата на Апелација.

„Срамота, од 18 на 8 години, нешто ве чуди тоа во државата наша. Мене не ме чуди ништо. Сега може да му ја намалат и на година ипол. А девојчето си отиде“.

„Не е добро, требало поголема казна да му се даде“.

„Не би требало да се намали казната, оти тој имал и претходно неубави работи“.

„Пијан го фатиле избегал од местото на настанот, треба да се зголеми казната, а не да се намали“.

„Беше превисока, ама и ова е мала, треба некоја средина“.

Реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што рекоа дека ваквите пресуди се причината за исклучително ниската доверба во судството.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More