Анџела Прајс Агелер ќе биде новата амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Македонија, објави демократското мнозинство во Сенатот.
Таа минатата недела на Сенатската Комисија за надворешни работи имаше сослушување за нејзината мисија амбасадор во Македонија на која таа рече дека ќе ги охрабри судските реформи, но и ќе работи да и помогне развивањето национална стратегија со која, како што истакна, ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери. САД и Северна Македонија имаат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеење на правото и зајакнување на доброто владеење, истакна тогаш Агелер.
„Ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да и помогнат на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери“, вели Анџела Прајс Агелер.
Агелер најавува и дека ќе работи на јакнење на отпорот од други влијанија во земјава, вклучително и од Русија и Кина, а ја нагласува и нејзината поддршка за членство на Македонија во Европската унија.
„Ние цврсто стоиме зад процесот на проширување на Европската унија затоа што го унапреди демократскиот развој и промовираше мир, стабилност и просперитет на европскиот континент, градејќи посилни стратешки партнери за САД. Северна Македонија ги надмина тешките предизици и направи тешки избори да направи историски чекори напред на нејзиниот пристапен пат“, додава Анџела Прајс Агелер.
Агелер доаѓа на местото на се уште актуелната амбасадорка на САД во земјава, Кејт Мери Брнз која пак беше именувана на оваа позиција во 2019 година. Инаку, Агелер и претходно работела во американската амбасада во Скопје во одделот за односи со јавност, а во нејзината дипломатска кариера досега беше и заменик шеф на Мисијата во Амбасадата на САД во Пакистан.