Карло Анчелоти денеска се појави на прес-конференцијата која послужи како најава за новата сезона во Ла Лига, но и како добар повод да се одговорат прашања поврзани по неочекуваните вести кои пристигнаа пред еден ден.
Тибо Куртоа заработи тешка повреда на коленото и ќе биде во аут цела натпреварувачка сезона, па Карло Анчелоти во воведните кола ќе мора да се потпре на голманот во кој речиси воопшто не веруваше изминативе две сезони.
Украинецот Лунин е единствен избор за Италијанецот во овој момент, кој со својата изјава јасно стави до знаење дека Реал ќе мора да купи нов голман, бидејќи останатите двајца се од младинската школа и имаат под 18 години.
– Емотивно гледано, вчерашниот ден не беше воопшто добар за нас. Но, вакви работи се случуваат во фудбалот и сега можеме само да му посакаме на Куртоа да се врати што побрзо. Истовремено, цела наша доверба ја влеваме во Лунин, за кого сметаме дека е добар голман.
– Имаше добра пресезона и јас верувам целосно во него. Тој е талентиран голман и му недостасува само искуство, нешто што му недостасува на секој млад голман. Искуството ќе го добие од ден во ден, од натпревар во натпревар.
– Истовремено, имаме време до 31-ви август, да ги разгледаме опциите. Покрај Лунин, имаме голмани со голем потенцијал, но тие се премногу млади. Ако купиме голман, ќе го направиме тоа за да имаме сигурен број и доволно добар избор, – изјави Анчелоти.