20.8 C
Skopje
Friday, June 18, 2021

Анализа на „Just access“: Северна Македонија како заложник на Бугарија

Најчитани вести

Германска невладина организација анализира како постапките на Бугарија против С. Македонија претставуваат злоупотреба на меѓународното право.

Бугарија ја држи како заложник политичката судбина на Северна Македонија со барања без преседан, се наведува во анализата на невладината организација „Just access“, насловена: „Негиран пристап до ЕУ и правдата: Како постапките наБугарија против С. Македонија претставуваат злоупотреба на процедуралните правила за пристапување во ЕУ“.
Од германската невладина организација, која е специјализирана за меѓународни правни спорови и заштита на човековите права, оценуваат дека Бугарија ја злоупотребува ЕУ и меѓународните правни правила и сметаат дека Северна Македонија би можела да покрене правен спор пред меѓународните судови поради тоа.

Бугарската тактика на виткање на раката започна во 2019 година, кога се прибегна кон вршење груб притисок во рамките на институциите на ЕУ врз основа на сомнителни и инструментализирани културни и историски тврдења против С. Македонија. Како што стојат работите, ова не само што претставува закана за дестабилизација на целиот регион, туку и ги отежнува односите меѓу Западен Балкан и Унијата, се наведува во анализата.

Од невладината организација посочуваат дека целта на анализата е да ги расветли главните чекори што го карактеризираат позитивниот однос на С. Македонија со Унијата и да покаже како „непријателскиот став на Бугарија кон нејзиниот сосед е злоупотреба согласно меѓународното право во контекст на проширувањето на ЕУ“. Преговорите меѓу двете земји не треба да дозволат агресивниот и нефер став на „Бугарија кон нејзиниот сосед да остане незабележан, бидејќи нејзината инструментализација на правото на ЕУ и навредливите аргументи поврзани со културата и идентитетот, негативно влијаат на владеењето на правото во Европа“, се вели во анализата. Дојче веле ги пренесува најбитните заклучоци од обемната анализа на односите меѓу С. Македонија и Бугарија.

Злоупотреба според меѓународното право

Постојаното и инструментализирано спротивставување на Бугарија да ѝ се дозволи на С. Македонија да го направи следниот чекор за влез во ЕУ ја засега целата Унија; не само Бугарија. Досега се чини како на Бугарија да ѝ е дадена слобода да ѝ наштети на политичката цел на својот сосед, злоупотребувајќи ги своите права и сложените процедури што се применуваат за проширувањето на ЕУ. Во меѓувреме, С. Македонија наиде на пречки на патот кон ЕУ и покрај напорите кои беа поздравени од повеќето институции и земјите-членки на Унијата.

Во анализата понатаму се вели дека тактиката на Бугарија ѝ наштетува не само на европската политика, отворајќи ја вратата за понатамошно лизгање на Западен Балкан во орбитата на другите големи сили, туку исто така ѝ штети на самата идеја за владеење на правото на европско ниво. Однесувањето на Бугарија се чини дека се заснова на сомнителен коктел за политичка, културна и правна инструментализација. Постои веројатност ваквата состојба да остави трајно негативно влијание врз македонскиот народ и регионот, доколку не се преземе ништо околу ова прашање.

Во текстот се потенцира дека бугарските уцени се насочени кон судбината на С. Македонија во критичен момент преку искористување на историски и националистичко-културни дебати. Без вистински правни аргументи за поддршка, Бугарија ја злоупотребува ЕУ и меѓународните правни правила. Сепак, без судски средства за решавање на спорови, овие повреди најверојатно нема да предизвикаат правни последици во оваа фаза.

„С. Македонија би можела или треба да размисли за покренување на овој ‘спор’ пред меѓународен суд или тело, особено затоа што е на сила Договор за пријателство со Бугарија, кој е бесрамно прекршен од навредливиот став на Бугарија кон нејзиниот сосед. Сепак, ваквиот потег е навидум политички деликатен во моментот, бидејќи тоа најверојатно ќе ги поттикне стравувањата дека процесот на пристапување на земјата кон ЕУ ќе заглави уште подолго. Ова е јасна манифестација на успешна кампања за уцена што Бугарија ја води против нејзиниот македонски сосед, со целосно искористување на нејзината релативна привилегирана позиција како земја-членка на ЕУ“, се вели меѓудругото во документот којшто го пренесува ДВ.

Во анализата се посочува на четири аспекти, според кои однесувањето на Бугарија кон Северна Македонија може да се смета како кршење на меѓународното право.

Бугарија го крши Договорот за пријателство

Со ветото Бугарија го крши билатералниот „Договор за пријателство“ кој е на сила. На 1 август 2017 година, официјалните претставници на Бугарија и на С. Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка, кој стапи на сила на 14 февруари 2018 година. Билатералниот договор недвосмислено ги обврзува обете држави да развиваат сеопфатни односи во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството.

„Бугарија не повика на никаква насилна акција против нејзиниот сосед. Сепак, нејзините тврдења на меѓународно ниво со кои се врши притисок против С. Македонија, јасно може да се сметаат како дел од непријателска пропаганда наменета да ѝ наштети на соседната земја“, се нотира во текстот.

Неразумно и штетно кршење на меѓународното право

„Односот на Бугарија кон С. Македонија претставува неразумно и штетно кршење на меѓународното право. Тврдењата на Бугарија се политички мотивирани со цел да извршат притисок врз нејзиниот сосед во клучен момент од нејзината историја. Ставот и постапките на Бугарија кон С. Македонија претставуваат форма на уцена со цел таа да се принуди да ги модифицира клучните елементи на нејзиниот идентитет и култура, што само по себе може да претставува кршење на клучните меѓународни правни принципи, особено принципите на самоопределување и на начело на интервенција во внатрешните работи на другите држави. Тука се фокусираме на еден општ, но фундаментален принцип на меѓународното право, применлив за сегашната ситуација: принципот на добра волја“, велат авторите на анализата.

Овој принцип се применува на сите меѓународни договори коишто се валидно склучени и според него, секој договор што е во сила мора да се изврши со добра волја. Така, овој принцип се применува на билатералниот договор склучен помеѓу Бугарија и С. Македонија.

Злоупотреба за внатрешни цели

Инструментализацијата на Бугарија на правилата за пристапување во ЕУ заради само внатрешни политички придобивки е злоупотреба според меѓународното право. Со Рамковната позиција усвоена од бугарската влада и Декларацијата потврдена од Собранието во октомври 2019 година, Бугарија претстави пакет услови што треба да станат дел од рамката за пристапување кон ЕУ за С. Македонија да добие согласност од Бугарија со цел да се започне процесот на преговори.

На пример, се наведува дека „македонскиот јазик е кодифициран бугарски дијалект и дека не треба да се споменува македонскиот јазик како дел од документите на ЕУ или дека Северна Македонија и ЕУ треба да го користат само целото име на земјата, а не и скратената форма“. Овие услови не само што не се поврзани со правилата за пристапување во ЕУ и јасно се неприфатливи од македонската страна, туку се и во спротивност со договорот од Преспа, кој се однесува на посебноста на македонскиот јазик, историја и култура.

Насилно однесување на штета на малцинствата

Насилното однесување на Бугарија им штети на правата на македонското малцинство што живее во Бугарија, како и на овластувањата на Судот во Стразбур. Наводно, Бугарија изразува страв дека евентуалниот пристап на С. Македонија во ЕУ може да ги оживее тензиите во врска со македонското малцинство што живее на нејзина територија. Но, во анализата се потсетува дека Европскиот суд за човекови права донесе неколку пресуди со кои се осудува Бугарија за третманот на нејзините права на македонското малцинство. Тоа значи дека ситуацијата меѓу С. Македонија и Бугарија ги загрозува правата и животот на малцинствата во двете држави, вклучувајќи ги и оние на Македонците во Бугарија.

Притоа се потсетува на неодамнешното писмо од Битола, коешто беше испратено до бугарскиот државен врв, во пресрет на пописот во С.Македонија. „Бугарските институции се поттикнуваат да ги поедностават процедурите за барање бугарско државјанство за оние што јавно се декларираат како Бугари во С. Македонија. Ова може да се толкува како тактика да им се понудат пасоши на ЕУ на граѓаните во странство како заштита на нивното право на национална самосвест. Ова не е само отворена понуда за промена на етничката припадност, туку и пример за директно мешање во внатрешните работи на С. Македонија“, заклучуваат авторите на анализата.

Целата анализа, на англиски јазик, можете да ја прочитате на следниот линк.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести