13 C
Skopje
Friday, April 16, 2021

Амбасадорското место во НАТО приоритет, Заев деновиве ќе побара од Димитров забрзување на процедурите

Најчитани вести

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека деновиве ќе разговара со министерот за надворешни работи Никола Димитров да се забрза процесот за пополнување на клучните, како амбасадорското место во НАТО.

Земјава се очекува мошне брзо да стане и официјална членка на НАТО, уште три ратификации ја делат од полноправното членство. Дваесет и шест земји, меѓу кои и САД, дадоа зелено светло Северна Македонија да се приклучи во Алијансата. Останува тоа наскоро да го сторат уште Франција, Холандија и Шпанија, а Протоколот потоа треба да помине и во нашето Собрание.

Сепак, таму сè уште нема назначено амбасадор, а како в.д. на веб-страницата на МНР е наведен Зоран Тодоров. Како можен кандидат се споменува советникот на Заев, Дане Талески, а вчера премиерот од собраниската говорница не сакаше да говори за имиња, но нагласи дека амбасадорот во НАТО е приоритет.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека опозицијата треба да биде консултирана во процесот на пополнување амбасадорски места, а вчера пратеникот Антонијо Милошоски го праша премиерот да му потврди дали е точно дека Владата има конкретни имиња за четири амбасадорски позиции.

Ги спомена Теута Арифи за амбасадор во САД, Дане Талески за мисијата во НАТО, Мишо Докмановиќ за Израел и Сашко Насев за Бугарија, а Заев истакна дека за две од овие имиња се разговара, две воопшто не се споменуваат, но напомена дека приоритет е да се испрати амбасадор во Североатлантската алијанса.

– Дали Владата планира во овој период лицата Теута Арифи, градоначалничка на Тетово, Дане Талевски, политички советник на Заев, Мишо Докмановиќ, професор на Правниот факултет, и Сашко Насев да ги постави за амбасадори во САД, НАТО, Израел и во Бугарија. Прашањето го поставувам и во врска со принципите што министерот за надворешни работи Никола Димитров ги спомена во 2017 година, зошто пред избори не треба да се упатуваат амбасадори во важни политички дипломатски центри и тогаш случајот беше поврзан со Александар Николовски, за кого Владата одлучи врз основа на тие принципи да не го упати за амбасадор, истакна Милошоски.

Тој го праша премиерот дали сè уште важат тие принципи и дали Владата и нејзините коалициски партнери имаат намера во овие преостанати 60 дена од целосниот мандат да поведе постапка или дали повела за споменатите лица.

Заев кажа дека Владата е посветена на избор на амбасадори за барем половина од непополнетите амбасадорски позиции и нагласи дека таа е во фаза на консултации со претседателот на државата и министерот за надворешни работи.

– Сум слушнал некои од овие имиња. Од овие четири две воопшто не се дискутираат, две се дискутираат, рече Заев и додаде дека е прерано да дава свои ставови, појаснувајќи дека за некои од нив можеби претседателот нема да даде дозвола, а за некои МНР.

Додаде дека очекува дел од постапките за нови амбасадори да завршат ноември, декември, а можеби и јануари и февруари.

Милошоски не беше задоволен од одговорот и нагласи оти Владата не треба во предизборен период да испраќа, како што рече, политички амбасадори во важни дипломатски центри.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика што се одржа завчера, меѓу другото, говореше и за испразнетите амбасадорски позиции, но и за начините на нивно пополнување.

Нагласи дека последните десет амбасадори кои излегле по предлог на сегашното раководство на МНР во просек имаат повеќе од 22 години стаж, додека последните десет од претходното раководство имале стаж во просек помалку од три години.

– Тоа е еден еден спрема седум во однос на партизација или професионализација. Од последните десет на претходното раководство седум се целосно од надвор, односно имаат нула диполоматски стаж, рече Димитров.

Министерот за надворешни работи дополни дека со новиот закон за МНР ќе се направи обид за драстично подобрување на соодносот меѓу политички дипломати и дипломати од кариера во прилог на вторите. Таму каде што ќе се испраќа политички кандидати, согласно новиот закон, појасни Димитров, ќе се воведат одредени услови за искуство, со цел да се оневозможи кој било да се праќа на амбасадорските позиции.

Ќе се врши и рационализација на амбасадите, односно затворање на оние со кои земјава нема голема придобивка, на пример економска соработка или некои други придобивки, а ова кон крајот на септември го најави и претседателот Стево Пендаровски во интервју, кога кажа дека ќе се дефинира списокот кои амбасади на земјава во странство ќе бидат затворени. Пендаровски тогаш рече дека во завршна фаза се разговорите со релевантните министри и со Владата, и во наредните недели ќе го заокружат списокот и ќе се обидат да затворат најголем дел од овие 27 испразнети амбасадорски места.

Според него, тоа се држави во кои нема реципроцитет од кај нас се покриваат од друга држава, нема резидентен амбасадор во Скопје, а нема ниту значајна трговска или економска соработка со тие држави.

Република Македонија има вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 42 се амбасади, осум се постојани мисии и девет се генерални конзулати. Од нив, во моментот непополнети се 23 амбасади и четири постојани мисии, додека сите генерални конзулати се пополнети.

САД, Русија, Кина, Холандија, Италија се дел од непополнетите важни дипломатски центри. Таму сега наместо амбасадори имаме вршители на должност, а во соседните земји амбасадори нема во Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска. Во Грција сè уште не е испратен вршител на должноста. /МИА

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести