23.8 C
Skopje
Friday, June 18, 2021

Алијанса и Алтернатива не попуштаат: Без трајно решение за државјанствата, антикризните мерки ќе останат блокирани

Најчитани вести

Петтиот пакет економски мерки, како и одблокирањето на Собранието ќе почекаат додека Алијанса за Албанците и Алтернатива не добијат сериозен сигнал од Владата дека трајно сака да го реши проблемот со државјанствата за таканаречените „фантоми“. Ова за Плусинфо го изјави пратеникот од АА, Халил Снопче, и покрај најавата од ВМРО-ДПМНЕ дека неделава ќе ги повлечат амандманите на Законот за државјанство и повикот на премиерот Зоран Заев да се одблокираат законите оти е уверен дека ќе се најде решение за државјанствата.

– Сѐ до моментот додека не добиеме сериозен сигнал од власта не се откажуваме од блокадата на законите. Едно е да се даваат изјави дека решение ќе има, а сосема друго е решението да го видиме на маса. Неделава очекуваме средба за Законот за државјанство, но сега на лидерско ниво ќе видиме дали власта ќе понуди прифатливо решение. Во спротивно, непринципиелно и несериозно е да ги повлечеме амандамните на законите, и ако не се договориме за државјанствата со власта повторно да поднесуваме илјадници амандмани – вели Снопче.

Тој открива дека на средбата помеѓу Заев и министрите за правда и внатрешни работи, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски, со координаторот на АА-А, Скендер Реџепи, било понудено преодно решение за таа категорија граѓани, кое потоа било разгледано од партиските органи на Алијанса и Алтернатива и решението било отфрлено.

Снопче објаснува дека коалицијата АА-А не се согласила целосно со предлогот на власта и дека на средбата која е во најава, но сега меѓу Заев и лидерите Зијадин Села и Африм Гаши, ќе излезат со свои предлози, ќе ја разгледаат понудата од Владата, па ќе падне одлука дали ќе има решение за државјанствата.

Според Снопче, власта понудила преодно решение кое тие го одбиле, бидејќи се нудело да се реши проблемот со државјанствата за граѓаните кои се во евиденцијата на МВР, околу 500-600 случаи, тоа да важи одреден временски период, за по тоа на сила пак да биде актуелниот Закон за државјанства.

Тој вели дека иако сметаат дека веќе постигнале одреден успех со самото тоа што власта се ангажира и бараа решение за таа категорија граѓани, сепак ќе инсистираат на трајно решение, односно на измени на Законот за државјанство кои и во иднина ќе нудат решение за лицата без државјанство.

Висок фиункционер од Владата за Плусинфо не сака да навлезе во детали за можните реженија, само вели дека „со Алијанса и со Алтернатива ќе договорат решение кое го решава проблемот на сите што бараат државјанство“.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера најавија дека ќе ги повлечат амандманите на Законот за државјанство и дека очекуваат истото да го направат пратениците на Алијансата за Албанците и Алтернатива за да се одблокира донесувањето на петиот пакет мерки за помош на стопанството.

И премиерот вчера повторно апелира да се одблокира работата на Собранието, односно неделава да бидат усвоени законите од петтиот пакет економски мерки.

Тој повтори дека ќе се најде решение за Законот за државјанство и апелира секој да ја исполни сопствената одговорност.

– Очекувам оваа недела ако може да се заврши. Повторно ја испраќам пораката сите да го завршиме својот дел од одговорноста пред нашите граѓани и да не ги залекуваме било кои суети ставови на грбот и на штета на граѓаните. Изразивме јасни ставови на работната средба со претставниците на Алијанса за Албанците и Алтернатива. Го видоа нашиот дух и спремност дека овој закон ќе го поддржиме, решението ќе го изнајдеме во тој дел како е тоа најдобро прифатливо за да се реши статусот и да добијат државјанство граѓаните кои немаат. Затоа апелирам да се ослободат ден порано законите зашто не правиме никому добро, а останува целосната наша посветеност за изнаоѓање трајно решение за добивање државјанство – рече Заев.

Алијанса и Алтернатива првично предложија државјанство да може да се добие со двајца сведоци и со познавање на барем еден од службените јазици во Македонија, мислат на албанскиот. Ова беше отфрлено од македонскиот блок партии, а ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандмани на предлог-законот.

По средбата на Заев со Реџепи, Алијанса и Алтернатива се откажаа од барањето државјанство да се добие со сведоци, односно прифатија дека е потребен некаков документ со кој ќе се докаже дека тие тука живеат, како свидетелство од дете, потврда за социјална помош… Според информации од АА-А, прашањето е дали власт ќе понуди трајно или ќе остане на преодно решение за државјанствата за „фантомите“.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести