Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри изјави дека Рома е „вистинскиот клуб“ за Пауло Дибала. Аргентинскиот напаѓач летово по истекот на договорот се раздели со Јувентус, а иако беше блиску до Интер, на крајот потпиша за Рома.
„Верувам дека тоа е вистинскиот клуб за него и му посакувам многу среќа. Тој е играч кој му даде многу на Јувентус и мислам дека ќе се снајде многу добро во Рома“, изјави Алегри за „ДАЗН“.
Запрашан да објасни зошто мисли дека Рома е вистинскиот клуб за Дибала, Алегри одговори: „Тој е многу технички квалитетен играч, заедно со Тами Абрахам. Потоа го имате менаџерот Жозе Мурињо, кој е многу добар“.
Дибала претходно му се приклучи на Јувентус во 2015 година на крајот од првата сезона на Алегри како тренер на „Старата дама“.
Тие ја освоија двојната круна во нивната прва заедничка сезона, повторувајќи го подвигот во секоја од следните две сезони – дури и стигнаа до финалето на Лигата на шампионите во 2017 година.