Тројца пратеници од албанските опозициски партии тврдат дека измените во Кривичниот законик се правеле за, наводно, да бил спасен Никола Груевски. На денешната заедничка прес- конференција тоа го соопштија пратениците Мерита Колчи-Коџаџику, Сафије Садики-Шаини и Фадил Зендели, од партиите Демократско движење, Алтернатива и Беса.
„Денес сме тука пред вас да објасниме зошто на Владата и на парламентарното мнозинство на оваа Собрание им се брза за усвојување на измените на Кривичниот законик. Иако описот на предлог – измените е составен со елоквентен јазик и со европски аргументи, тоа може да помине кај тие што не знаат да читаат правни текстови или кои не ја сфаќаат измамата на Владата и на оваа власт, но не и кај нас“, рече Зендели.Тие тврдат дека основната причина поради која се правеле овие измени е „што е можно побрзо во Скопје да се врати, без трн во ногата, Никола Груевски”.
-Јавноста има право да знае, а премиерот Ковачевски и министерот за правда Лога имаат обврска да го објаснат ова, дека доколку помине овој предлог за измена на Кривичниот законик, а тие имаат мнозинство да го усвојат, потоа можат слободно да му извадат билет на Никола Груевски во еден правец од Будимпешта до Скопје и да го пречекаат со сите државни почести, нагласи Зендели.Тие ги објаснија своите наводи: „Никола Груевски е осуден на две години затвор за предметот ‘Тенк’. За предметот ‘Титаник’ кој е во тек, со сегашниот Кривичен законик може да се осуди до десет години, а со новата измена може да се осуди до две или три години затвор. За предметот ‘ТНТ’ тој е осуден на девет години затвор. За предметот ‘Насилство во Општина Центар’ е осуден на една година и шест месеци затвор. Сѐ уште нема пресуда за предметот ‘Феникс’, а предметот ‘Талир’ е вратен на почетокот на постапката. За предметот ’27 Април’ постапката за Груевски е прекината. За предметот ‘Талир 2’ е осуден на шест години затвор, а моментално предметот е во Апелацискиот суд. Предметот ‘Траекторија’ е веќе застарен, а за предметот ‘Плацеви на Водно’ е осуден на седум години затвор“, рече Зендели.