-8.2 C
Skopje
Tuesday, January 25, 2022

Ако кивне Тетово, кој ќе добие пневмонија?

Најчитани вести

Социјалдемократите се во деликатна позиција по прашањето – кој од кандидатите во Тетово ќе ја добие нивната поддршка во вториот круг.

Резултатите од првиот круг на локалните избори може да се рефлектираат и на централната власт. Ова е главен рефрен по првиот круг од изборите, со фокус на Тетово, каде во вториот круг во изборна трка остануваат кандидатите на ДУИ и БЕСА, кои се партнери во Владата. Тоа ги става социјалдемократите во деликатна позиција по прашањето – кому од кандидатите во Тетово ќе му дадат поддршка во вториот круг. Дилемата е актуелна во контекст на опозициските најави дека е можно ново создавање на владино мнозинство, а во дел од тие шпекулации се калкулира со потенцијално незадоволство на БЕСА, доколку не ја добие поддршката од СДСМ во вториот круг во Тетово.

Иако од владејачката коалиција провејуваат ставови дека „партиите нема да ги насочуваат гласачите и граѓаните сами ќе решат“, јасно е дека од нивната меѓусебна поддршка зависат многу изборни битки во вториот круг. Се смета дека за социјалдемократите е ризично да се откажат од поддршка за кандидатката на ДУИ во Тетово, бидејќи така ризикуваат да останат без поддршка во изборната трка за Град Скопје.

„Ако кивне кандидатот на ДУИ во Тетово, пневномија може да добие кандидатот на СДСМ за Скопје. Ако кивне кандидатот на БЕСА, пневномија може да добие и владејачкото мнозинство“, гласи наративот за тетовската дилема.

Извори од владејачката коалиција засега не се впуштаат во дискусија на кој начин ќе се одмота тетовскиот јазол. Се очекува владините партнери да разговараат и да постигнат договор за ова прашање. Иако не се исклучува поддршка „пола – пола“, прашање е дали таа реално ќе може така и да се квантифицира.

БЕСА: Обединување на сите за промени

Во „БЕСА“ засега се воздржани по ова прашање, но според одговорот извесно е дека очекуваат поддршка од сите што гласале „за промени“.

„Граѓаните на Тетово покажаа дека знаат да ценат добра програма, добри идеи и искрено залагање за промени во Тетово. Ако се земе во целост, две третини од гласачите гласаа за промени. Наша цел е обезбедување на тие гласови, без разлика на етничка, религиозна и политичка припадност, со една единствена цел – на Тетово да му се врати сјајот. Нашата програма и нашите идеи ќе ги обединат сите. Очекуваме поддршка од сите граѓани на Тетово. Претседателот Биљал Касами ќе го води Тетово заедно со граѓаните“, велат за ДВ од Беса.

Но, една партија веќе декларираше дека нема да ѝ даде поддршка на БЕСА. Станува збор за Алтернатива, која се издвои во посебен партиски субјект токму поради несогласувања меѓу две крила на некогашната заедничка партија БЕСА.

Во дебата на ТВ „21“, во која учествуваа пратениците на ДУИ и Алијанса за Албанците, Арбер Адеми и Елми Азири, претставникот на Алијанса изјави дека сериозно размислуваат да го поддржат кандидатот на БЕСА во Тетово, Биљал Касами.

„Наредните денови очекуваме да имаме преговори со БЕСА. Да видиме, можно е да дојдеме до некоја соработка. Важно е да падне ДУИ и Теута Арифи, која заслужува нула гласови затоа што ништо не сработи за Тетово“, истакна Азири.

По дебатата, ТВ „21“ објави дека стигнала реакција од Алтернатива, која е коалициски партнер на Алијанса за Албанците. Портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани, напишал: „Почитувани, Алтернатива нема да го поддржи Биљал Касами во Тетово“.

Сложени математики

За албанските партии Тетово е важен „трофеј“, бидејќи се смета за „клучен град за Албанците“ и низ изборна битка за него најчесто се мери моќта на партиите во албанскиот блок. ДУИ во битката влезе со актуелната градоначалничка Теута Арифи, а БЕСА ја бара довербата со партискиот лидер, Биљал Касами. Разликата меѓу нив во првиот круг не е голема. Арифи освоила 11.138 гласови, а Касами 10.496.

Со оглед на несогласувањето од Алтернатива, од контингентот на гласови насочени „за промени“ на кои сега може да се надева БЕСА, остануваат само дел од оние кои ги добил кандидатот на опозициската коалиција Алијанса за Албанците/Алтернатива, Вулнет Мурсели ( 6.165 гласови). Таму Снежана Стојановска од Интегра освоила 1.989 и Африм Ибраими од Движењето за држава и правда, 378 гласови.

Над 6.000 гласови во Тетово имаат освоено владините коалициски партнери на ДУИ и БЕСА: кандидатот на ДПА, Сади Беџети – 3.840 и Хамдија Елезовиќ од СДСМ – 2.373 гласови.

Токму зад овие бројки се кријат многу партиски математики околу тоа кои партии на кого ќе му ја дадат поддршката, не само како можност за промени во Тетово, туку и како опозициска надеж во натамошни планови околу ново мнозинство или „карта“ за предвремени парламентарни избори.

Лидерот на Алијанса, Зијадин Села, кој се надева на победа на нивните кандидати во вториот круг од изборите, запрашан за шпекулациите околу ново мнозинство или предвремени парламентарни избори, смета дека се потребни две последователни постапки.

„Ако има таква инцијатива за ново мнозинство, ние ќе ја прифатиме. Оваа Влада мора да падне. Но, мислам на мнозинство, на Влада, која во период од една година прво треба да ја нормализира состојбата, а веднаш потоа да се оди на избори“, вели Села.

Но, пред тоа, коалицијата АА/А е најпрвин пред предизвикот да обезбеди изборна победа, која ќе им даде легитимитет на таквите очекувања. Од тие резултати, но и од начинот на кој партнерите ќе ги испеглаат односите по прашањето за евентуална поддршка на едниот кандидат во Тетово, според познавачи на состојбите, ќе зависи дали шпекулативниот наратив за ново мнозинството ќе остане со сигнали за сообраќај само во една, или можеби и за сообраќај во две насоки./DW

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com