21.8 C
Skopje
Monday, August 2, 2021

Агуеро фрустриран дека не игра, верува дека Пеп завршил со него

Најчитани вести

Разделбата се наближува, а од продолжување на соработката засега нема ништо. До крајот на истекот на договорот со Манчестер Сити, на Серхио Агуеро му остануваат уште три и пол месеци, меѓутоа на „Етихад“ засега не прават ништо по тој повод, што според сознанијата на „Дејли Мејл“, Аргентинецот почнува да го фрустрира.

Имено, Гвардиола во средата пред мечот со Саутемптон говореше за ситуацијата на Агуеро, истакнувајќи дека во вака важен дел од сезоната не може да мисли на такви работи.

„Можеби ќе размислувам за тоа кога ќе почне репрезентативната пауза и ќе имам повеќе време. Како човек, но и како играч, секако дека сакам да остане. Но, ќе мораме да видиме што ќе се случи на крајот од сезоната“, рече шпанскиот стручњак.

Меѓутоа, како што пишува британскиот весник, Агуеро се повеќе е разочаран од начинот на кој Гвардиола се однесува кон него оваа сезона, особено во претходните неколку недели откако е целосно здрав. Споменатиот натпревар со Саутемптон го почна од клупата и во игра влезе во 72. минута. Претходните два против Манчестер Јунајтед и Вулверхемптон ги проследи од трибините. Всушност, сезонава само четири пати беше стартер.

Аргентинецот есеноска четири недели беше надвор од стројот поради повреда на задната ложа, но откако кон крајот на ноември се врати против Олимпијакос, одигра само 171 минута во сите натпреварувања, иако една од причините за така малата минутажа е и коронавирусот, кој Кун го „закачи“ кон средината на јануари.

„Не треба да заборавиме колку долго беше отсутен. Станува се подобар. Знам дека минути му се потребни со цел да се врати во најдобра кондиција, но ние не сме во можност да му дадеме минути само за да има минути, бидејќи сме во многу важен дел од сезоната. Мораме да бидеме смирени, клубот ќе разговара со неговиот агент со цел да се запознае со ситуацијата, па ќе преговараме на крајот од сезоната“, додаде Гвардиола пред мечот со Саутемптон во средата.

Сето ова доведе до тоа најдобриот стрелец во историјата на Сити да верува дека Гвардиола сепак веќе донел одлука, односно дека по десетгодишниот престој во синиот дел од Манчестер конечно е време за разделба. Меѓутоа во Сити тврдат дека тоа не е случај и дека благодарение на сите достигнувања во претходната деценија Агуеро ќе може сам да одлучи за условите под кои би го напуштил „Етихад“.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести