Корупцијата мора да биде победена, коруптивните актери мора да одговараат пред законите за своите постапки, ако Македонија сака да напредува како нормална земја кон Европската Унија, порача амбасадорката на САД во државава. Анџела Агелер пред медиумите кажа дека бизнисменот Јордан Орце Камчев завршил на американската црна листа, по барањето тамошното министерство за финансии, бидејќи за него има сомнение дека бил дел од сериозни коруптивни дејствија.
-Злоупотребата на законите, позицијата, поткуп, перењето пари и други прекршоци, во кои господинот Камчев учествувал, не само што ја намали довербата на македонските граѓани во правосудниот систем, но исто така претставува предавство на народот во оваа земја. Луѓето заслужуваат институции во кои можат да веруваат, да ги следат демократски вредности без компромис, изјави Агелер.
Пред Камчев, на црната листа се најде и Рамиз Мерко. Агелер запрашана за нејзин став оти тој се уште градоначалник на Струга, кажа дека не може да се меша во внатрешните работи на Макеоднија, ниту во работата на правосудството. Потенцираше и дека одлуката за овие две лица воопшто не е лична или политичка, туку американските институции се воделе според правото.
-Кога институциите ќе бидат запознаени со доказите, тие ќе мораат да реагираат, тие ќе мораат да реагираат според законите. Морам да напоменам дека бевме во можност да најдеме докази против овие личности да одговараат и тие докази се собрани во земјава, не во Вашингтон, изјави Агелер.
Агелер испрати порака и до надлежните институции во Македонија, велејќи дека САД не се тие кои можеле да апсат во државава, но интересно ќе било да се види што за овие случаи ќе преземат органите кај нас.