Home » Агелер: ЕУ е кристално јасна за тоа што конкретно се бара од Северна Македонија за да оди напред во интеграцискиот процес

Агелер: ЕУ е кристално јасна за тоа што конкретно се бара од Северна Македонија за да оди напред во интеграцискиот процес

by Журнал.мк

„Европската унија е кристално јасна за тоа што конкретно се бара од Северна Македонија за да оди напред во интеграцискиот процес и да стане рамноправна членка на Европската унија, а тоа ќе се оствари единствено со исполнувањето на обврските од договорот кој беше постигнат лани“, изјави амбасадорката на САД Анџела Агелер во гостување на ТВ Канал 5.

Амбасадорката Агелер ги оцени како лажни вести најавите дека некој ќе може да го репреговара договорот кој беше постигнат помеѓу Северна Македонија и Бугарија лани за вметнување на Бугарите во Уставот.

Според неа, невозможно е и да се направи подобар договор кој сè уште не сме го откриле, па затоа и повика сите политички чинители, место да бидат заглавени во историски прашања и контексти, да работат за интересите на граѓаните и да ја придвижат Македонија кон Европската унија, бидејќи тоа е местото каде што постојат можностите за подобро образование, социјала и економски раст.

„Јас се надевам дека политичарите ќе ги направат овие тешки одлуки и дека ќе го препознаат овој клучен момент за земјата. Јас разбирам дека постојат потешкотии, но преговорите помеѓу Северна Македонија и Бугарија се од билатерален карактер и мораат да бидат”, рече Агелер.

На прашањето за мислење за најавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека нема да гласа за уставните измени, Агелер вели дека таа не може да одговори место претседателот на партијата Христијан Мицкоски, но сепак се надева дека сите политички чинители ќе го препознаат овој клучен момент за земјата и ќе донесат добри одлуки за граѓаните, а не одлуки кои се базираат на политички или лични аспирации.

„Оваа земја може и ќе има огромна корист од членството во ЕУ и членството во широката трансатлантска заедница. И тоа е државна цел на оваа земја и речиси 80 проценти од граѓаните во оваа земја сакаат да бидат дел од ЕУ. Патот напред е многу јасен и повторно се надевам дека лидерите и избраните функционери, кои беа избрани за да ја направат вистинската работа за доброто на своите граѓани, да ги направат тие тешки избори сега и да ја придвижат својата земја напред кон поголема стабилност, просперитет и можности“, изјави Агелер.

За односите меѓу Македонија и Бугарија, таа рече дека се надева дека двете земји ќе работат и ќе гледаат кон иднината, а не во минатото бидејќи актуелните премиери на земјите покажале намери дека сакаат да ја видат Северна  Македонија како земја која е интегрирана во европското семејство.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk