Австралија воведе санкции против белорускиот претседател Александар Лукашенко како поддршка на руската инвазија на Украина, соопшти австралиското Министерство за надворешни работи.
Новиот сет на санкции се насочени и кон 22 „руски пропагандисти и оперативци за дезинформација“, вклучувајќи ги и шефовите на Раша Тудеј, Фондацијата за стратешка култура, ИнфоРос и ЊузФронт, се вели во соопштението.
Во соопштението се вели дека санкциите треба да обезбедат Русија и оние кои ја поддржуваат нејзината незаконска, неиспровоцирана инвазија на нејзиниот демократски сосед да платат висока цена.
Лукашенко и семејството санкционирани
Лукашенко е додаден на листата на оние кои обезбедуваат стратешка поддршка за Русија и нејзината војска. Покрај него, санкционирани се и неговата сопруга Галина и неговиот син Виктор, кои претходно беа на високи функции во националната безбедност во Владата.
„Австралија сега санкционираше вкупно 32 проруски пропагандисти, што ја одразува стратешката важност на дезинформациите во обидите на Русија да ја легитимира неиспровоцираната и незаконска инвазија на Путин на Украина“, додаде Марисе Пејн, министер за надворешни работи на Австралија.
Австралија веќе го санкционираше Владимир Путин, меѓу олигарсите и високите руски политичари.