20.8 C
Skopje
Thursday, October 6, 2022

АВМУ набавила маски по 104 денари, а Армијата за истите плаќала по 2,71 денар

Најчитани вести

Исти производи, како на пример заштитни маски, кои биле набавени во ист временски период, биле купени со огромни разлики во цената која некаде била и до 500 проценти, пресметува Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). По извршениот мониторинг на околу 40-ина јавни набавки поврзани со пандемијата, оваа невладина организација утврдува дека и во второто полугодие од 2021 година тие биле со многу проблеми и со коруптивно однесување.

И натаму има големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 %. Тоа во анализата е прикажано преку примери за јавни набавки на двата најнабавувани производи во текот на цела коронакриза, а тоа се заштитните медицински маски за еднократна употреба и респираторните маски Н95. И овде, како и кај брзите тестови за ковид-19, постојат големи разлики во цените. На пример, ако се земат двата тендера во кои се купени по 13.000 маски, разликата во цената меѓу нив изнесува дури трипати, односно на едниот тендер е постигната цена за една маска која е за 195 % повисока од цената постигната на другиот тендер.

Така, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за една заштитна маска Н95 плаќала по 104,3 денари (набавила само 120, од еден понудувач). Министерството за одбрана истите маски ги набавило по 2,71 денар (набавила 13.000 маски).

Иста е ситуацијата и со маските за еднократна употреба. АВМУ ги плаќала по 4,4 денари за една, а АРМ по 0,28 односно ни по пола денар.

Показател за тоа дека се мислело да има доволно пари и за корупција, за Центарот за граѓански комуникации е тоа дека проценетите вредности на набавките и натаму се многу повисоки од цените добиени на тендерите, што е намерно оставање простор за склучување договори по повисока вредност.

Натаму, се воочува претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи. Показател за тоа, констатира истражувањето, е следново: кога има еден понудувач или останува еден понудувач по елиминирање на другите понуди во фазата на евалуација, речиси без исклучок понудената цена се совпаѓа или е многу блиску до проценетата вредност на набавката, иако таа не е јавно објавена. Не е возможно толкаво совпаѓање, ако тоа не е претходно договорено со тој што треба да го добие тендерот. Едноставно, не е можно фирми добитници да ја погодиле точно вредноста (која нели, не е претходно објавена).

Следен заклучок од анализата поткрепена со конкретни примери, е тоа дека при набавката на реагенси, постои долгорочна зависност од фирмата чијшто апарат за тестови го користи институцијата. Тоа содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција.

Се заклучува и дека постои слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање, на тендерите во 4 очи, без објавување оглас.

Следната битна работа што паѓа во очи е ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки во пандемијата. Тоа според Центарот за граѓански комуникации, носи високи ризици од судир на интереси и корупција.

Во анализата, Центарот воочува дека како јавни набавки за ковид-19 се набавувани производи што не можат лесно да се доведат во врска со пандемијата. На пример, набавка на службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик боја. Или, набавка на печатени обрасци за амбулантен дневник, семеен патронажен дневник, извештај за пари, книга за редовност, рецепти, советувалиште за доенчиња, забоздравствен картон и сл. Односно, неколкуте набавки на компјутери, итн., наведува ЦГК.

„Она што е интересно е дека на сите вакви тендери од мониторираниот примерок имало само по една понуда, дури и за набавка на производи за коишто вообичаено има поголема конкуренција, како за компјутери, на пример“, се наведува во анализата.

Опфатените 40-ина постапки претставуваат 52 % од сите тендери за ковид-19 во периодот на мониторингот (вкупно имало 77 тендери). Вредноста на мониторираните тендери изнесува 1,25 милиони евра, што е 30,4 % од вредноста на сите тендери за ковид – пандемијата во анализираниот период (4,1 милиони евра).

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com