Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ од вториот Економски форум во Скопје упати охрабрување до Косово и Србија за изнаоѓање на конечно решение, со оценка дека тоа ќе биде силен поттик и за целиот регион.
-Црна Гора е најмалата земја во регионот и кога сте најмали имате интерес да одржувате добри добрососедски односи, да промовирате толеранција, мир и да придонесте за изнаоѓање решение за отворените прашања во регионот. Во овој контекст сакам да ги охрабрам двете страни – премиерот на Косово и претседателот на Србија да изнајдат заедничко решение за односите меѓу Србија и Косово бидејќи ако го најдеме тоа решение ќе дадеме силен поттик за целиот регион, не само за овие две земји. Ние ја поддржуваме намерата на меѓународната заедница конечно да се постигне договор и да се потпише. Секако не сме ние што треба да кажеме кој што треба да направи, тоа е одговорност на двете влади, но дефинитивно ЦГ сака да испрати порака од овде, од Скопје дека ги поттикнуваме двете страни и меѓунардоната заедница конечно да се постигне заеднички договор и да се релаксираат односите во регионот, рече Абазовиќ.
Според него, во контекст на регионалната соработка на Западен Балкан секогаш постојат и имаме различни видови недоразбирања, но пред се, меѓу политичарите, кои премногу зборуваат за минатото.
-Она што можеме да го смениме е иднината, не може да го смениме минатото. Ако го префрлиме фокусот од минатото и почнеме да зборуваме за иднината мислам дека регионот ќе има многу добри можности да биде успешен и сите земји од Западен Балкан ќе можат да бидат поделотворни во пороцесот на евроинтеграциите, вели Абазовиќ.